Работнички го слави Тошевски, Шкендија не го освои Кратово

Шкендија не успеа да го освои Кратово, ремизираше без голови против домашниот Силекс и сега заостанува десет бода во однос на лидерот Вардар. Нападот на тетовскиот тим не беше расположен, а одбраната на Силекс остана цврста и организирана до самиот крај на мечот. Кратовци имаа и среќа, ги спаси рамката од голот во финишот, а и понатаму се на третата позиција со само еден бод помалку од Шкендија.


Работнички го слави Давид Тошевски. Младиот напаѓач со два гола во вториот дел донесе пресврт и триумф (2-1) за „романтичарите“ на дуелот со Шкупи. Бесар Исени од пенал во 39.минута донесе водство за тимот од Чаир, но Тошевски израмни во 59.минута, а потоа во 77.минута постигна и победнички погодок. Во завршницата, и Работнички и Шкупи останаа со играч помалку поради исклучувањата на Милош Тошевски и на Сухељ Мухарем.

Новиот тренер Ратко Достаниќ има „два од два“ на кормилото, Работнички го напушти дното и му го препушти на Борец.

Ренова со 2-0 го совлада составот на Струга Трим Лум во Тетово. Бојан Миовски донесе водство за „гипсарите“ во 26.минута. Домашниот тим го осигура триумфот со погодокот на Флоријан Кадриу во 57.минута од дуелот.

Македонија ЃП со гол од пенал во 100.минута што го реализира Дејан Блажевски славеше против Академија Пандев со 1-0, но дуелот ќе остане запаметен по неверојатниот момент во 66.минута, кога Стефан Костов играше со две топки на теренот. Едната ја имаше во раце и со неа ја удри топката по која трчаше во дуел со противнички фудбалер. За тоа заработи црвен картон, а неговите соиграчи негодуваа на судиската одлука.

Вчера Вардар го совлада Борец на гости во Велес со 0-1, со голот на Даниел Аврамовски.

  
ПРВА ЛИГА, 20. КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 0-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-0

РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ 2-1

РЕНОВА – СТРУГА ТЛ 2-0

ВЧЕРА: БОРЕЦ – ВАРДАР 0-1

Табела: Вардар 42, Шкендија 32, Силекс 31, Македонија ЃП 29, Академија Пандев 27, Шкупи 25, Струга ТЛ 24, Ренова 22, Работнички 21, Борец 20.

 

Се вчитува...