Работнички остана со перфектни 4-0 и по најновата рунда од Супер-лигата откако „црвено-белите“ славеа во дербито на колото во кое за противник го имаа Куманово. Марин Докузовски се врати во својот кошаркарски дом, но „докторот“ овојпат немаше лек за Работнички, по голема битка губејќи го надмудрувањето со Мирковски од спротивната страна, со конечни 70-63.
Работнички отвори одлично, со три тројки (две на Робев и една на Говенс) за рано водство од 9-2, но кумановци експресно се вратија, со поените на Фундиќ добивајќи ја првата четвртина со 18-19. На одмор се замина со водство на „центарци“ од 36-33, по што домашниот тим имаше контрола над резултатот и во големи периоди од второто полувреме.
Бодрени од навивачите избраниците на тренерот Мирковски одиграа одлично во одбраната кога беше најважно, ги затворија приодите кон сопствениот кош и стигнаа до заслужената победа.
Рикиќ имаше 17 поени и 11 скокови во овој триумф на „црвено-белите“, капитенот Ефремовски реализираше 13 поени, додека најефикасни кај Куманово беа Мекиќ со 18 и Фундиќ со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
