Работнички останува без седум фудбалери: Комплетно нов тим за новата сезона

По крајот на актуелниот шампионат во Првата македонска фудбалска лига, очигледно Работнички е првиот клуб кој тргна во брза сериозна реконструкција на тимот.

Според најавите, дури седум фудбалери со сигурност заминуваат од редовите на „романтичарите“, како дополнение на Лука Станковски кој веќе од претходно потпиша за италијанска Монца. Првиот летово кој замина е Фисник Зука кој се врати во својот матичен клуб, Шкупи, а од Дебар маало заминуваат и Драшко Ѓорѓевиќ, Петар Петковски, Никола Прелчец, Стефан Јевтоски, Христијан Гроздановски како и капитенот Горан Силјановски кој е пред преселба во кипарска Докса.

„ФК Работнички на барање на капитенот Горан Силјановски донесе одлука да му излезе во пресрет и да му овозможи како слободен агент повторно да излезе на интернационална сцена. Со оглед на долгогодишната соработка и се што Силјановски даде за клубот, Работнички одлучи да прифати спогодбен раскин шест месеци пред истекот на договорот. Горан Силјановски во 2019 година се врати во нашиот клуб и ја носеше капитенската лента по двегодишен настап во првенството на Албанија. Претходно, Силјановски беше член на Работнички и во периодот од 2013 до 2017 година. Работнички секогаш во преден план го има интересот на своите фудбалери и наоѓа начин да им помогне во развојот на кариерата“ – информираат и од Работнички за прекинот на договорот со Силјановски.

Се вчитува...