Работнички сака поуспешна пролет и тргнува од Струга, Шкупи и Ренова се надеваат на домашни триумфи

Почнува пролетниот дел од првенството, а Работнички е пред голем предизвик. Мора да ја заборави есенската полуетапа во која заврши на последната позиција на табелата и со многу поуспешна пролет да побегне што е можно побрзо кон средишниот дел на прволигашкото рангирање. Денеска тимот на Ратко Достаниќ гостува во Струга и ќе ги одмери силите со составот на Струга Трим Лум. Играчот за врска Николче Шаркоски вели дека уште од самиот старт на пролетта Работнички мора да покаже многу поинаков лик и да собира бодови.

„Ја заборавивме неуспешната есен, го оставаме тоа зад нас и максимално сме фокусирани на тоа што следува, пролетниот дел од шампинатот. Свесни сме дека Работнички не е во моментот на посакуваните позиции и мораме да се потрудиме тоа да го подобриме што е можно побрзо. Се надевам дека со новиот шеф на стручниот штаб Ратко Достаниќ и со засилувањата кои пристигнаа, Работнички ќе има многу поинаков лик оваа пролет. На отворањето гостуваме во Струга, домаќинот е незгоден тим, немаме пријатни спомени од есенските дуели и затоа на мечот му приоѓаме максимално внимателно и мотивирано. Се надеваме на успех затоа што мораме да собираме бодови уште од стартот на пролетниот дел од шампионатот“, вели Николче Шаркоски.

Струга Трим Лум имаше задоволителна есен, а домаќините посакуваат во победнички стил да ја ја отворат пролетта. Стружани двапати славеа во дуелите со Работнички и го знаат рецептот за „романтичарите“.

Шкупи на Чаир го пречекува Борец, а тренерот Ќатип Османи верува дека неговиот тим ќе го покаже потенцијалот што го имаше и во подготвителниот период.

„Одработивме квалитетни подготовки, има голем потенцијал во овој состав на Шкупи, но сето тоа треба да го покажеме на првенствените натпревари. На отворањето на пролетниот дел од сезоната ни гостува Борец и тоа добра можност да покажеме како сме се подготвиле“, вели Османи.

Ренова и Силекс не менуваа премногу во своите ростери оваа зима и затоа воиграноста треба да биде нивен адут. Во меѓусебна пресметка во Тетово ќе имаат можност да покажат кој е моментно во подобра форма.

Дербито на колото се игра во Струмица каде Шкендија му гостува на составот на Академија Пандев. Вчера Вардар ја совлада Македонија ЃП со 3-1 и се зацврсти на врвот на табелата.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 19.КОЛО (14 ч.)

Струга: СТРУГА ТРИМ ЛУМ – РАБОТНИЧКИ

Чаир: ШКУПИ – БОРЕЦ

Тетово: РЕНОВА – СИЛЕКС

Струмица: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА (13 ч.)

ВЧЕРА: ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП 3-1

Се вчитува...