Работнички си поигруваше со Охрид

Работнички лесно и рутински дојде до деветтата победа во низа во македонското првенство, декласирајќи го Охрид со убедливи 95-75, со што тимот на Марин Докузовски остана единствениот со перфектен скор на домашната кошаркарска сцена. Охрабрени по големата победа на вечното дерби со МЗТ Скопје, кошаркарите на Работнички уште во првото полувреме си создадоа убедлива предност, не дозволувајќи во ниту еден момент да има било каква дилема околу победникот на овој натпревар.

Особено фуриозна беше првата четвртина, во која на домаќините им беа доволни нешто повеќе од четири минути за да стигнат до првата двоцифрена разлика (17-5 со тројката на Робинсон), за Работнички да ги заврши стартните десет минути со дури 33 постигнати поени (33-18). Предноста беше дополнително зголемена во вториот период, па на одмор се замина со преубедливи 57-34, по што избраниците на Докузовски го намалија темпото во третата четвртина. Охриѓани го искористија тоа и намалија на 76-60, но тоa беше се што гостите успеаја да сторат бидејќи Работнички рутински ги одигра преостантите десет минути, за конечен триумф од 95-75.

Бојан Крстевски со 19 поени беше прв стрелец на Работнички, пред Гинјард со 18 и Костов и Робинсон со по 15 поени. Главна фигура кај охриѓани беше Зимиќ со 23 поени, 11 скока, 5 асистенции и 3 блокади.

Се вчитува...