Работнички славеше над МЗТ во „неважното дерби“ во Куманово

Работнички триумфираше над МЗТ Скопје со резултат 88-84, во најневажното дерби во последните години со оглед на фактот дека и пред овој меч се знаеше дека шампионот ќе влезе како второпласиран во плејофот, зад големиот ривал од скопската населба Аеродром. Дуелот се играше во Куманово, без присуство на навивачки групи на двата тима, па мина во „театарска атмосфера“ во која подобро се снајдоа избраниците на Марин Докузовски.

Првото полувреме мина во израмнета игра во која доминираше Предраг Самарџиски (10 поени и 10 скокови во првите две четвртини), па на одмор се замина со резултат 37-37. Како пресудна се покажа третата четвртина, во која МЗТ се соочи со огромни проблеми во нападот, а Работнички постигна низа лесни поени користејќи ги грешките на противникот и добивајќи го овој период со 28-16. Избраниците на тренерот Кочов се обидоа да се вратат во послените десет минути, но Работнички го издржа нивниот налет, Мираковски постигна тројка кога разликата се спушти на шест поени, за „центарци“ на крајот заслужено да триумфираат со конечни 88-84.

Чавдар Костов со 24 поени и 11 скокови беше клучна фигура на ова дерби, додека ветеранот Мираковски реализираше 17 поени. Во таборот на МЗТ најефикасни беа Иванов со 18 и Самарџиски и Симоновски со по 13 постигнати поени.

Без оглед на исходот на вечерашното дерби, МЗТ Скопје останува на врвот на табелата на крајот од Супер-лигата, па во полуфиналето ќе се сретне со Гостивар. Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Работнички и Блокотехна, а двете полуфинални серии ќе стартуваат викендов.

Се вчитува...