Работнички и Силекс денеска на Националната арена „Тодор Проески“ го отвораат 20. коло во Првата македонска фудбалска лига.
„Дуелот со Силекс е екстремно важен за Работнички. По успешниот старт и триумфот над Академија Пандев, сакаме да продолжиме во ист стил и против Силекс, на домашната пролетна премиера. Подготвени сме за предизвикот, максимално мотивирани и се надеваме дека ќе успееме да ги освоиме трите бода. Силекс заслужува респект, имаат квалитетен состав, но ние веруваме во нашите можности и посакуваме триумф“ – вели капитенот на „романтичарите“, Горан Силјановски.
Но, и во таборот на Силекс посакуваат успешен настап, надигрување и бодови и за повторна битка за горниот дел од табелата.
„Криво ми е што не земавме барем бод против Шкендија, бидејќи одигравме навистина квалитетен натпревар. Прекините се наш најголем проблем и во пријателските натпревари и сега со Шкендија не чинеа пораз. Мораме да поработиме на тоа. Работнички во моментов е многу подобар тим него што беше во есенскиот дел од сезоната. Лука Станковски покажува дека е вистински бисер. Имаат уште неколку одлични фудбалери. Силекс оди во Скопје да се надигрува. Очекувам убав отворен натпревар, а на крајот нека победи подобриот и посреќниот“, изјави Симов.
Натпреварот со кој ќе стартува 20. коло во Првата македонска фудбалска лига е закажан за денеска од 14 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА