Работник добро се држеше, но загуби од Хановер

Ракометарите на Работник со пораз го стартуваа настапот во групните фаза од Купот на ЕХФ, откако вечерва не успеаја да приредат изненадување на гостувањето против Хановер (24-21). Поразот можеби е очекуван, но македонскиот суперлигаш пријатно изненади со пристапот и квалитетот на игра. За жал, недостигаше малку среќа и искуство во последните минути, кога Работник имаше напад за израмнување при 22-21.

Битолчани нервозно влегоа во натпеварот и ја загубија топката во првите два напади, по што Хановер дојде до лесно водство од 2-0. Македонскиот тим успеа набрзо да се консолидира и да воспостави израмнет однос на теренот, не дозволувајќи му на германскиот прволигаш да доминира на домашен терен. Остроушко лесно ги завршуваше акциите и не дозволуваше Хановер да се одлепи резултатски, а кога Германците дојдоа до „плус четири“ (14-10), тренерот Чирковиќ зеде тајмаут и Работник повторно заигра во посакуваниот ритам.

На одмор се замина со резултат 16-14 за Хановер, по што првите десет минути од второто полувреме минаа во далеку подобро издание на обраните на двата тима. Германците конечно се одлепија и поведоа со 22-18, но тогаш битолчани заиграа извонредно во одбраната, долго време беа без примен гол и целосно се вратија во натпреварот. Чаневски бранеше одлично и овозможи дури и шанса за израмнување, но македонскиот тим не го искористи тој напад при 22-21. Милан Ѓукиќ, кој вообичаено беше меѓу најдобрите поединци во домашното првенство, овојпат беше далеку под посакуваното ниво, па српското крило промаши и пенал при 23-21. При истиот резултат на минута и пол до крајот Работник остана со играч повеќе на теренот, но Кузмановски не успеа да постигне гол, со што германскиот тим го осигура триумфот, изразен со конечни 24-21.

Граџан со шест гола беше прв стрелец на Работник при вечерашниот пораз, Кузмановски и Остроушко постигнаа по четири погодоци, а извонреден на голот на битолчани беше голманот Чаневски. Кај Хановер најдобар поединец беше Данецот Олсен, кој постигна седум погодоци на овој натпревар.

Работник во второто коло од групната фаза во Битола ќе го пречека унгарскиот претставник Татабања, кој во првата рунда со гол во последната секунда загуби пред своите гледачи од Нексе со 27-28.

Се вчитува...