Работник по Нексе, го бара и скалпот на Хановер

Победата над Нексе во минатото коло го крена оптимизмот во таборот на Еурофарм Работник, дека може да се стигне до нив триумф во рамките од ЕХФ-купот. Ривалот не е нималку наивен, станува збор за бундеслигашот Хановер, но битолчани на првиот меч во Германија несреќно загубија, покажувајќи си и на самите себе дека можат да се носат со овој реномиран ривал.

„Последниот европски наттпревар го одигравме пред три недели. Не е тајна дека Хановер е фаворит, тие играат сериозни натпревари во Бундеслигата, а ние овој период игравме лесни домашни натпревари. Хендикепирани сме со неиграњето на Стјепановиќ, а кај нив Атман се враќа во екипата и неговото враќање очекувам да биде единствена измена од првиот натпревар во февруари. Нашата шанса може да ни биде тоа што имаат доста повредени ракометари“ – изјави тренерот Стевче Алушовски.

Голманот Градимир Чаневски е оптимист дека со поддршка од навивачите битолчани ќе можат да стигнат до нов европски триумф.

„Многу работи се сменија во нашиот тим за разлика од првиот натпревар против Хановер. Имаме нов тренер, напорно работиме и верувам дека подготвени ќе го дочекаме овој дуел. Со поддршка од трибините да се обидеме да го изненадиме бундеслигашот“ – оптимистички е расположен Чаневски.

Натпреварот се игра в недела со почеток во 20:45 часот.

Се вчитува...