Радичевиќ: После сите победи заслуживме полна сала со Турингер

Ракометарките на Вардар по петте победи во низа ќе атакуваат на перфектни 6-0 за заокружување на првата фаза од Лигата на шампионите, на петочниот дуел на домашен терен против Турингер. Ривалот е добро познат, претходно „црвено-црните“ славеа над оваа екипа среде Германија со 21-29, па сега со право се очекува нова добра партија и триумф на македонскиот првак.

Не смееме да се опуштиме на дуелот со Турингер. Не се залажуваме, германскиот тим можеби досега има само два бода, но има играчи кои долго време играат заедно. Мораме да се бориме до крајот на мечот и верувам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи“, истакна Ирина Дибирова на денешната прес-конференција, додавајќи дека Лекиќ и Бајрамовска нема да бидат во комбинација за настап в петок.

Јованка Радичевиќ ги повика навивачите во поголем број да дојдат и да им дадат поддршка на „вардарки“.

Во Унгарија во минатото коло освоивме бодови кои ни беа максимално потребни, но веднаш со враќањето назад во Скопје се фокусиравме на Турингер. Триумфот во Германија нема да ни значи ништо ако ги потцениме на следниот дуел, сигурно нема да си дозволиме да бидеме непријатно изненадени. Играме одлично цела сезона и мислам дека заслуживме салата да ни биде полна, за противникот да почувствува како се навива во Скопје кога игра Вардар“ – истакна Радичевиќ.

Се вчитува...