Борусија Дортмунд ќе ја мине ноќта на лидерската позиција во Бундес-лигата откако „милионерите“ славеа со 1-3 на гостувањето против Гофенхајм, за своја трета победа во низа во домашниот шампионат.
Актуелниот вицепрвак прв дојде во водство преку Фулкруг, Хофенхајм израмни со пеналот на Крамариќ, но Борусија замина на одмор со предност благодарение на голот на Ројс, по слабата интервенција на домашниот голман.
Кобел спречи ново израмнување на стартот од второто полувреме, Сков ја погоди гредата за домашниот состав, а Борусија на петнаесетина минути до крајот остана и со играч по помалку, по црвениот картон што го доби бекот Бенсебаини, по вториот жолт картон поради земање на топката и недозволување на противникот брзо да изведе аут.
Најубавиот потег на мечот го имаше гостинскиот дефанзивец Раерсон, кој во финишот зеде топка крај аут-линијата на триесетина метри од својот гол, истрча повеќе од 60 метри во стилот на Герет Бејл и неговиот незаборавен гол против Барса, втрча во противничкиот шеснаесетник и го матираше голманот на Хофенхајм, за печат на триумфот на Борусија Дортмунд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА