Ракометно демолирање во Битола: Еурофарм Пелистер ја растури Татабања (33-20)

Еурофарм Пелистер во четвртиот меч стигна и до втората победа во Лигата на Европа откако вечерва на домашен терен во „Боро Чурлевски“ во Битола го декласираше составот на Татабања со преубедливи 33-20. Унгарците пристигнаа во Македонија по победата над Шафхаузен во минатото коло, но вечерва налетаа на противник што беше подобар од нив во секој аспект од ракометната игра, за заслужена убедлива победа на „пелистерци“, втора во низа во серијата од три европски меча без пораз за македонскиот вицепрвак.

Сите дилеми околу победникот беа решени уште во првото полувреме што „пелистерци“ го одиграа беспрекорно, доминирајќи како во нападот, така и во одбраната на чело со голманот Секели. Унгарците парираа само десетина минути во кои се играше израмнето, но штом Табоада доби помош од соиграчите во нападот предноста на Еурофарм Пелистер почна да расте. Мараш беше прецизен во 13. минута за прво водство од „плус два“, гостинскиот тренер Ѓукиќ побара тајмаут при 8-5, но не успеа да го запре налетот на битолчани. Позитивата на „зелено-белите“ продолжи да расте, Ѓукиќ при 14-7 побара уште еден тајмаут, за на одмор да се замине со убедливи 17-9 за Еурофарм Пелистер.

Македонскиот тим фуриозно го почна и второто полувреме, за по само неколку минути игра, па со петтиот погодок на Табоада стигна и до првата двоцифрена предност (19-9).Одбраната на чело со Секели функционираше беспрекорно, за што најдобар доказ е фактот дека по 40 минути игра ракометарите на Татабања имаа постигнато само десет гола, па нивниот тренер при убедливата негатива од 24-10 беше принуден да побара нов тајмаут.

Победникот беше одамна решен, па битолчани искусно ја одржуваа убедливата предност. Гранитната одбрана беше заштитен знак, па Бабиќ во 50. минутаи по само 13 примени гола го повлече одличниот Секели, давајќи му шанса на Марко Кизиќ. До крајот на мечот тренерот на Еурофарм Пелистер ги повлече од игра и останатите клучни играчи во тимот, не сакајќи да ризикува евентуална повреда. Тоа воопшто не се одрази врз конечниот исход, па битолчани на крајот се радуваа на заслужена победа од 33-20.

Мараш со шест гола ги предводеше стрелците во таборот на Еурофарм Пелистер, по пет постигнаа Табоада и Периќ, четири гола беа дело на Мандалиниќ, а три погодоци со стопроцентен ефект реализираше искусниот Гоце Ојлески.

Се вчитува...