Раководството на Самсоненко го „турка“ Вардар во „стечај“: План за одјавување на фудбалерите!?

Вардар би можел да не го дочека и крајот на актуелното првенство во кое се уште се надева на опстанок, доколку се продолжи со очигледните „акции“ на се уште важечкото раководство на Сергеј Самсоненко кое ги има печатите на клубот, а кои водат кон тивка елиминација на црвено-црното акционерско друштво.

Од клубот веќе се отпуштаат дел од членовите на стручниот штаб под образложение за намалување на трошоците, се најавуваат откази и на дел од преостанатите административци, а согласно се погласните информации во јавноста веќе во план се и раскин на договори со фудбалери и нивно одјавување од задолжително осигурување.

„Во моментите кога сите треба да покажат дека се спремни Вардар да истапи пред личните или интересите за некои други работи, повторно свесно се турка во провалија. Денес е побарано од дел од стручниот штаб да потпише спогодбен раскин на договорите… Објаснувањето е дека Вардар не може да ги сноси трошоците за тековното функционирање на клубот. Ќе следи истото и со играчите, и тоа ладно небаре тоа е нормална работа! Сега во случајов е интересно да се напомене, дека сепак има кој да удри печат и стави потпис на овие бесмислености, а до сега нели Вардар беше дисфункционален и нема кој да потпишува во името на клубот? Се води специјална војна против нас и Вардар! Не се бираат средства, ниту пак ги интересираат последиците“ – велат и единствените очигледно загрижени за опстанокот на ФК Вардар, од навивачката група „Комити“.

Најверните вардарови фанови потврдуваат дека немаат никаков одговор за одржување на средбата меѓу двете инволвирани страни, актуелното раководство на Самсоненко и Град Скопје.

„Ве повикуваме повторно да истапите и да се одважите јавно да кажете што правите и каде терате? Навивачите тоа го заслужуваат! Вашиот однос од позиција на моќ прави не да изгледате големи, туку многу мали и недостојни, особено со вашата нетранспарентност и ароганција. Ако правите чекор, направете го сега, ако не дајте го клубот двете страни“ – повикуваат „Комитите“.

Се вчитува...