Рамос: „Ел Класико“ не е војна, туку фудбалска магија и респект

Реал Мадрид ја загуби лидерската позиција во Ла Лига, ја препушти на Барселона, а вечерва го пречекува најголемиот ривал на „Сантијаго Бернабеу“ и посакува победа за повторно да го симне од врвот. „Кралевите“ секогаш нудат адреналин, а каталонците со себе носат магија. „Ел Класико“ е посебна категорија, многу поголема од фудбалот и спортот воопшто, тоа е борба на два света, а вечерва (21 часот) ќе го има 244.издание.

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, вели дека тоа е посебен натпревар. Но, сите се лажат ако мислат дека е тоа „војна“. За него тоа е сепак фудбалска магија и меѓусебен респект.

„На крајот, тоа е сепак натпревар. Вреди, како и сите останати – три бода на табелата во Ла Лига. Но, во суштина е многу, многу повеќе. Тоа е фудбалска магија и секако меѓусебен респект, граден со години. Победата над Барселона е бесценета. Сите фудбалери на Реал Мадрид тоа го знаат уште и пред првпат да го облечат дресот на „кралскиот клуб“. Ќе биде жестоко и овојпат, тука нема сомнение“, вели Рамос.

Има максимален респект и за Лионел Меси, првата ѕвезда на вечниот ривал.

„Му посакувам се најдобро како професионалец, но се додека не почне натпреварот. Лео е секако еден од најдобрите фудбалери во историјата и го има мојот респект. Ама кога ќе почне „Ел Класико“, подобро му е да не ми се приближува. Секако, не можеме секогаш да го сопреме“, вели Серхио Рамос во интервјуто за официјалниот сајт на Ла Лига.

Токму Серхио Рамос е фудбалерот со рекорден број настапи на „Ел Класико“ (43), а Лионел Меси е најдобриот голгетер со 26 гола. Најголемата победа (11-1) ја има Реал Мадрид над Барселона во далечната 1943 година. Но, Барса ја презеде доминацијата во победите….96 наспроти 95.

Се вчитува...