Рашфорд: Гладот е поголем проблем од короната, мислете на сиромашните

Маркус Рашфорд застана на страната на сиромашните во Велика Британија, испраќајќи отворено писмо до парламентарците со барање да не се реализираат најавените кратења кои ќе претставуваат удар за оние со најниски примања. Една од мерките што се најавува дека ќе биде укината е онаа за бесплатни оброци за децата во училиштата, на што Рашфорд бурно реагираше.

„Веќе е јасно дека нашиот систем не е поставен за сиромашни семејства како моето да станат успешни. Многу добро знам како се чувствуваат оние најсиромашните, бидејќи и јас минував низ пекол како дете. Мајка ми работеше по две работи за да имаме доволно за јадење, но тоа некогаш не беше доволно. Се сеќавам како одевме во продавница „Се за една фунта“ и купувавме по седум јогурти“, се присетува голгетерот на „црвените ѓаволи“.

Тој активно учествува во неколку хуманитарни организации кои собраа вкупно 20 милиони фунти за обезбедување на три милиони оброци за најсиромашните луѓе низ Велика Британија. Сепак, англискиот репрезентативец потенцира дека е неопходна сериозна државна помош за овие најранливи категории на луѓе.

Гладот е поголем проблем од короната, тоа е пандемија од која се загрозени генерации и генерации, затоа мора да се реагира што поскоро. Потребно е решение, и тоа не краткорочно, туку нешто што суштински ќе го реши проблемот на сите овие луѓе“, порачува Маркус Рашфорд.

Се вчитува...