Раско: Шкендија е најтешкиот ривал што можеше да ни се падне

Во таборот на Њу Сентс не го кријат незадоволството од денешната ждрепка за квалификациите за ЛШ, која му ја донесе на велшкиот првак Шкендија како ривал на стартот од новата европска авантура. Менаџерот Скот Раско во разговор за официјалната веб-страница обелодени дека тетовскиот клуб бил најмалку посакуван за Велшаните.

„Уште синоќа по скратувањето на листата на УЕФА ги разгледавме петте можни противници. Мислам дека ни се падна најтешкиот тим од таа група на неносители. Сепак, имаме уште три недели до првиот натпревар, добро да се подготвиме за противникот, знаеме дека одлично ја заврши сезоната во македонското првенство“ – изјави Раско.

Како проблем менаџерот на велшкиот првак го посочува фактот дека тимот е недоволно подготвен, бидејќи ланската сезона во Велс заврши на крајот од април.

„Ние имаме проблем да влеземе во натпреварувачки ритам бидејќи последниот меч го одигравме на крајот од месец април. Нивното првенство траеше долго, што е предност за Шкендија, а ние ќе треба долго да се подготвиме за да издржиме 90 минути. Пред нас е тежок двомеч меѓу израмнети екипи“ – истакна стратегот на Њу Сентс.

Се вчитува...