Распродажба на „Стемфорд бриџ“: Челси во еден ден продаде тројца фудбалери во Саудиска Арабија

Челси потроши огромни пари на промашени засилувања во изминатите два преодни рока, а газдата Тод Боели летово почна со распродажба на дел од фудбалерите за да го намали огромниот буџет на плати што го има во лондонскиот клуб. Нголо Канте веќе се пресели во Саудиска Арабија, Ковачиќ се сели во Манчестер Сити, во завршна фаза се преговорите за преселбата на Хаверц во Арсенал, а распродажбата на „сините“ продолжи со постигнатиот договор за заминување на тројца фудбалери во првенството на Саудиска Арабија.

Конкретно, голманот Едуард Менди ќе се пресели во редовите ена Ал Ахли, дефанзивецот Калиду Кулибали својата кариера ќе ја продолжи во Ал Хилал, додека Мароканецот Хаким Зијеш ќе му биде соиграч на Кристијано Роналдо во Ал Наср. Претставник на Владата на С. Арабија изминатиот викенд дојде во Лондон да преговара за низа интересни фудбалери од Премиер-лигата, при што успешно ги финализираше овие три трансфери со американските газди на Челси.

Листата на заминувања би можела да се зголеми во наредните 48 часа откако Ал Ахли испрати втора и значително подобрена понуда за Ромелу Лукаку, по која белгискиот голгетер сериозно размислува да се откаже од намерата да остане во Интер, туку ќе замине по стапките на Кулибалу, Менди и Зијеш. Садијците се интересираат и за Калум Хадсон Одои, крилниот фудбалер на Челси кој не е дел од плановите на Покетино.

Се вчитува...