Разликата во класи е преголема: Пелистер премногу лесно поразен од ПСЖ

Ракометарите на Е. Пелистер го забележаа и единаесеттиот пораз во низа во Лигата на Шампионите откако македонскиот првак вечерва на домашен терен загуби од ПСЖ со резултат 25-31. „Пелистерци“ имаа желба, но разликата во квалитет беше огромна, придонесувајќи гостите од Франција од самиот почеток да го контролираат резултатот и во ниту еден момент да не дозволат триумфот да биде доведен во прашање. Дејан Манасков го имаше своето деби за битолскиот клуб, но и долгогодишниот репрезентативец не можеше да помогне да биде избегнат убедлив пораз на овој дуел. За разлика од претходните домашни средби на кои „пелистерци“ многу често покажуваа жар и беа блиску до замрсување на сметките на фаворитите, овојпат ПСЖ одигра импресивно не дозволувајќи битолчани во ниту еден момент да се понадеваат на изненадување.

Дуелот почна со гол за ПСЖ, а потоа и со промашен пенал за Дејан Манасков, откако Грин го одбрани седмерецот на најголемото засилување на Е. Пелистер зимава. Пешевски го постигна првиот гол за македонскиот првак намалувајќи на 1-2, но гостите од Франција стартуваа фуриозно и за помалку од пет минути игра поведоа со 1-4. Немоќта против цврстата зона на Французите беше очигледна, „пелистерци“ во првите осум минути постигнаа само еден гол, а противникот поведе со 1-5. Битолчани преку Радивојевиќ и Кузмановски намалија на 3-5, но ПСЖ одговори со три гола во серија, па Ангеловски беше принуден да побара тајмаут при негатива на својот тим од 3-8.

Е. Пелистер намали на 5-9, по што Радивојевиќ со почетничка грешка прокоцка контранапад со кој можеше да ја намали негативата на македонскиот првак. Казната стигна на спротивната страна, откако Грин ја оствари петтата интервенција, веднаш потоа казнувајќи со гол од својата половина користејќи ја играта „седум на шест“ на домаќините за водство на ПСЖ од 5-10. Дејан Манасков својот прв гол во дресот на Пелистер го постигна во 19. минута, погодувајќи од крило за 6-10, но „светците“ повторно постигнаа брзи три гола во серија, поведувајќи со огромни седум гола предност во 23. минута од мечот (6-13). Двете промашувања од крило на Гребиј беа искористени за намалување на негативата на 9-14, при овој резултат не беа искористени неколку напади на битолскиот клуб, по што Сипжак погоди од пенал за конечни 9-15 на крајот од првото полувреме.

Гедбан имаше две одбрани на почетокот од второто полувреме, четири во првите десет минути, но нападот не функционираше, па ПСЖ во 40. минута поведе и со осум гола предност (14-22). Тренерот Ангеловски со право беше разочаран од слабото залагање и ги искритикува сопствените ракометари при тајмаутот што го побара при негатива од девет гола (14-23).  Проблемите со промашувања на седмерци беа решени откако младиот Ѓорговски доби шанса и ја презеде одговорноста, реализирајќи два пенала за Пелистер за намалување на негативата на 18-25 на десет минути до крајот.

Раул Гонзалез во завршницата целосно го изротира тимот, а ракометарите на Е. Пелистер го искористија тоа за да ја намалат предноста на противникот на шест гола (22-28). Ангеловски се реши за „седум на шест“ во завршницата и битолчани беа ефикасни, но во одбраната повторно имаа проблеми, па на крајот го загубија овој натпревар со конечни 25-31.

Пешевски, Ѓорговски, Манасков, Радивојевиќ и Борзаш беа најефикасни во таборот на македоснкиот првак со по три погодоци, додека најдобри поединци кај ПСЖ беа Сипжак со седум и Соле со шест постигнати гола.

Македонскиот шампион по единаесетте порази во низа, во 12. коло од Лигата на шампионите следниот четврток ќе му гостува на германскиот гигант Кил.

Се вчитува...