Реал има план – преддоговор со Ериксен, па „дил“ со Покетино

Реал Мадрид се врати во победнички ритам, но Флорентино Перез не е најзадоволен од прикажаните игри и пред се од работата на Зинедин Зидан. Конфликтите што францускиот стратег и претседателот ги имаа во текот на летото очигледно не се целосно надминати, па Перез не ја гледа долгорочната иднина на клубот со Французинот на клупата.

Желба на „кралевите“ е на кормилото да го доведат Маурисио Покетино, откако и самиот аргентински стратег неодамна изјави дека „би сакал еден ден да го води Реал“. Тој „еден ден“ според многумина ќе дојде наредното лето, кога се очекува Аргентинецот да си замине од Тотенхем, со „Сантијаго Бернабеу“ како негова омилена дестинација.

Планот на Перез е двојно да го ослаби Тотенхем, па заедно со Покетино од овој клуб во Мадрид да го донесе и Кристијан Ериксен. Данецот има договор до крајот на сезонава и веќе ги одби сите понуди за продолжување на соработката со лондонскиот клуб. Тој ќе има можност веќе во јануари да потпише преддоговор со новиот клуб, а Реал е подготвен да му понуди повеќе пари од Јувентус за да го осигура потписот на данскиот плејмејкер за наредната сезона.

Ериксен би го наследил во тимот на Реал хрватскиот интернационалец Лука Модриќ, кој следното лето ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...