Реал Мадрид го откачи Пол Погба

Реал Мадрид нема намера да го купува Пол Погба во јануарскиот трансфер прозорец. Клубот за ова го информирал и Французинот и неговиот менаџер. Погба калкулираше со враќањето во тимот на Манчестер Јунајтед во надеж дека во јануари ќе оди во нов клуб, по можност во Реал Мадрид.

Сепак откако во последниов период Федерико Валверде се наметна како сериозна опција за напаѓачки ориентиран играч од средниот ред, тренерот Зинедин Зидан веќе и не бара опција за засилување на оваа линија од тимот. Агентот на Погба, Мино Раиола, се обидувал да зборува со Зидан, но не добил позитивен одговор, тврди шпанскиот весник „Марка“.

Во меѓувреме менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, вели дека Пол Погба не е на продажба во јануари и оти тој ќе има трпение да чека на неговото враќање. Францускиот репрезентативец веќе два и пол месеци не игра за Јунајтед, поради повреда на зглобот. Беше на рехабилитации во Дубаи и во Мајами, а најавеното враќање во тимот повторно беше одложено поради наводна болест. Сепак, Погба е во тимот на Манчестер Јунајтед за патувањето кај Вотфорд денеска.

Се вчитува...