Веќе станува јасно, дојден е крајот на ерата на Лука Модриќ во Реал Мадрид, а секој нов натпревар на кој Анчелоти воопшто не го пушта хрватскиот ветеран во игра само дополнително создава тензија. Тоа беше случај и на последниот меч со Лајпциг, по кој Анчелоти му се извинил на Модриќ пред остатокот на тимот, но и уште еднаш потенцирал дека тој е тренер и дека како таков работа му е да ги носи најдобрите одлуки во интерес на екипата.
Флорентино Перез не очекуваше ваков развој на настаните кога го потпиша Модриќ на нов едногодишен договор минатото лето, па првиот човек на Реал Мадрид сега бара начин да ја намали тензијата во клубот. За оваа цел, Перез и Реал се подготвени предвреме да ја објават разделбата од Модриќ, односно дека Хрватот нема да добие нов договор и на крајот од сезоната како слободен играч ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
Целта е потоа да бидат организирани низа настани со кои Реал како клуб ќе му искаже благодарност на Модриќ за успесите што ги оствари во дресот на „кралевите“ во последните дванаесет години. Исто така, Реал во последното коло би организирал и спектакуларно испраќање на легендарниот плејмејкер, кој освои буквално се што можеше да се освои како член на шпанскиот гигант.
Модриќ се уште нема донесено конечна одлука за иднината, дали ќе се збогува од фудбалот, ќе ја прифати богатата понуда што за него ја подготвија шеиците од Саудиска Арабија, или можеби ќе му се приклучи на Лео Меси во Интер Мајами, од каде исто така доби интересна понуда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА