Реал Мадрид сака да го купи Елиф Елмас!

Македонскиот фудбалски мегаталент Елиф Елмас има понуда за трансфер во актуелниот европски првак Реал Мадрид. Тој се наоѓа на тајниот список од петмина најталентирани млади фудбалери во Европа што го има составено „кралскиот клуб“ и тргнува во мисија да ги доведе на „Сантијаго Бернабеу“. Едниот од нив е веќе договорен, Брахим Дијаз од Манчестер сити кој треба да пристигне како слободен играч следното лето.

Скаутите на Реал Мадрид од почетокот на сезоната ги следат игрите на Елмас во дресот на Фенербахче, воодушевени се од неговите квалитети и, како што дознава ЕКИПА, подготвена е понуда вредна 5 милиони евра за негов трансфер идното лето. „Кралевите“ би исплатиле и дополнителни 15 милиони евра, по првиот настап на Елмас за сениорскиот тим на шпанскиот гигант.

Ова е понуда каква што имаше и Мартин Одегард, норвешкото чудо од дете, кој во 2015 година пристигна од Штромгодсет во редовите на Реал Мадрид. Неговата кариера и не се вивна според очекувањата, иако е се уште член на „кралскиот клуб“, а како позајмен фудбалер настапува во холандскиот прволигаш Витесе.

Елиф Елмас има петгодишен договор со Фенербахче и отштетна клаузула од 23 милиони евра. Се наметна како стандарден првотимец оваа сезона кај Филип Коку, но и кај неговиот наследник на клупата, Ервин Куман. За сениорската репрезентација на Македонија досега има осум настапи. За него постои интерес и од англискиот првак Манчестер сити, Пари Сен Жермен, Тотенхем, Борусија Дортмунд, Рома…

Се вчитува...