Реал Мадрид една година „флертуваше“ со Ибрахим Конате обидувајќи се да го убеди следното лето да се приклучи на Трент Александер Арнолд и како слободен играч од Ливерпул да се пресели на „Сантијаго Беранбеу“.
Овој трансфер сепак нема да се реализира откако управата на Реал решила да ги прекине преговорите, и тоа поради катастрофалната форма на Французинот во последните месеци. Очајните настапи на Конате придонесоа фановите да стартуваат иницијатива тој да биде исфрлен од првиот тим на Ливерпул, а потоа и да не му биде продолжен договорот што истекува на крајот од сезонава.
Раководството на Реал планира ремонт на одбранбената линија следното лето (најавени се заминувања на Алаба и на Ридигер), но Конате повеќе не е дел од плановите, за што „кралевите“ го известиле Ливерпул.
На потег сега е англискиот првак, кој веќе испрати последна „земи или остави“ понуда до Конате во ситуација кога Реал покажуваше сериозен интерес, па интересно ќе биде да се види дали Ливерпул ќе ја повлече истата, ако се знае дека на Французинот му беше понудена повеќе од двојно повисока сума од онаа што ја заработува на „Енфилд“ во моментов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

