Реал пак се премисли: Хамес останува на „Сантијаго Бернабеу“

Неполни 24 часа откако дојде до пресврт околу преговорите за трансферот на Герет Бејл, раководството на Реал Мадрид целосно промени уште еден свој став – овојпат околу иднината на Хамес Родригез. Колумбиецот во последниот месец беше блиску до заминување, се водеа интензивни преговори со Наполи и со Атлетико Мадрид, но Флорентино Перез во „пет до дванаесет“ се премисли и денеска му соопшти на Хамес дека нема да биде продаден, туку дека во новата сезона ќе го носи дресот на Реал.

Родригез самиот бараше да биде продаден свесен за негативното искуство и малата минутажа што ја добиваше во Реал. Сепак, весникот „Ас“ тврди дека тој ја прифатил одлуката на првиот човек на клубот без никаков приговор и во најскоро време ќе му се стави на располагање на Зидан.

Промената на ставот следи по повредата на Марко Асенсио, кој ќе ја пропушти речиси целата натпреварувачка сезона. За соодветна замена ќе треба да се потрошат над 60 милиони евра, пари што не можат да се обезбедат од продажба на Хамес, за кого од Наполи беше добиена само понуда за позајмица, а преговорите со Атлетико беа блокирани од Перез бидејќи не сака да продаде нов играч на градскиот ривал (летово веќе го стори тоа со Љоренте).

Интересно ќе биде да се види реакцијата на Зидан, кој јасно стави до знаење дека Хамес не е дел од неговите планови, но исто како и со случајот на Бејл ќе треба да го врати во првиот тим иако претходно беше отпишан.

Се вчитува...