Реал со „рецептот Алаба“ купува нов врвен дефанзивец

Реал Мадрид ќе биде исклучително активен во летниот преоден рок, главна цел ќе биде ангажман на Мбапе, „кралевите“ ќе се обидат да стигнат и до Халанд, но паралелно со тие преговори Флорентино Перез ќе стори се за да донесе уште еден врвен дефанзивец. Прва желба на „кралскиот клуб“ е Антонио Ридигер, одличниот германски одбранбен фудбалер кој летово ќе стане слободен играч, па без никаква отштета може да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“.

Флорентино Перез на почетокот од годинава веќе договори еден ваков трансфер, успевајќи да го доведе Давид Алаба од Баерн Минхен. Сега првиот човек на Реал е подготвен истиот рецепт да го искористи за да го убеди Ридигер на преселба во Мадрид. Германецот би добил „бонус“ од 20 милиони евра за самиот потпис на договорот, згора на тоа и значително повисока плата од онаа што моментно ја заработува во Челси, па Флорентино е оптимист дека веќе на самиот почеток од 2022 година ќе може да потпише преддоговор со Ридигер и да го осигура големото засилување за одбраната, по што би се насочил на преговорите кон останатите играчи кои сака да ги види во Мадрид.

Челси сака да го задржи Ридигер, но „сините“ со понудената сума се далеку под она што дефанзивецот го бара за да потпише нов договор. Во трката сериозен е и германскиот гигант Баерн Минхен, но со влегувањето на Реал во игра, сега „кралевите“ се први фаворити за потпис со осличниот дефанзивец.

Се вчитува...