Сантијаго Солари за адут при изборот за тренер на Реал Мадрид го имаше фактот дека самиот како играч го носеше дресот на „кралскиот клуб“, а во последните години работеше и во младинската школа на овој европски гигант. Сепак, оние кои се противат на неговиот ангажман веднаш пронајдоа изјави од пред неколку години на Солари во кои Аргентинецот не крие дека негов „фудбалски Бог“ е сонародникот Лео Меси, во случајов предводник на најголемиот ривал Барселона.
„Давањето голови е нешто толку нормално за Меси, како што во атмосферата се случуваат нормални работи како грмотевици или силни ветрови. Кога и да ја прими Лео топката, настанува тишина, а тренерите на противниците си ги навалуваат главите, ги ставаат рацете во џеб и само чекаат, како некој што ја видел светлината и сега само чека да удри грмотевицата. Неколку секунди подоцна, Меси дава гол“ – напиша Солари во една своја колумна за аргентински весник уште пред да почне со работа во младинската школа на Реал.
Откако Меси ја освои својата четврта „Златна топка“, новиот тренер јасно го искажа своето мислење околу споредбите меѓу Меси и Роналдо.
„Кристијано Роналдо е најдобар фудбалер во светот, бидејќи Меси игра некој поинаков спорт што само тој го разбира. Начинот на кој игра Лео е над границата на човечките можности“ – истакна Солари.
Последниот коментар на Аргентинецот за неговиот сонародник го проследивме во 2016 година.
„Меси одбележа една ера на фудбалот, но за жал не во нашиот клуб, туку во Барселона. Искрено посакувам тоа да беше во дресот на Реал Мадрид, но за жал тоа не е можно. Реал секогаш сака да ги има најдобрите, но во случајот на Меси не постои никаква шанса тоа да се случи. Како Аргентинец јас лично се радувам на сите успеси на Лео“ – изјави Сантијаго Солари пред нешто повеќе од две години.
Останува да се види дали Солари ќе успее да ги убеди сите во своите тренерски способности и ќе остане подолго на клупата на Реал, за да дочека и едно „Ел Класико“ и на дело да се обиде да го запре својот фудбалски идол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА