Ремек-делото на Малдини: Како Милан со „мали пари“ се врати на врвот

Милан цели девет години е без освоено скудето, „росонерите“ последен пат играа во ЛШ пред дури седум сезони, па токму затоа огромно изненадување е што овој тим гази се пред себе од стартот на сезоната во Калчо-лигата. Секоја чест на Златан Ибрахимовиќ како лидер на теренот, но најзаслужен за формирањето на овој состав, но и за прикажаното трпение дефинитивно е директорот Паоло Малдини.

Кога ја доби довербата на челниците на клубот, Малдини крај себе го имаше Хрватот Звонимир Бобан. Новиот претседател Газидис по еден конфликт го избрка Бобан од „Сан Сиро“, целиот притисок падна врз поранешниот капитен, но Малдини на изненадување на сите не само што успеа да го издржи притисокот, туку го вивна клубот онаму каде што некогаш припаѓаше – на врвот на италијанскиот фудбал.

Најважниот потег беше „метлата“ за сите промашувања на неговите претходници Фасоне и Мирабели, со што се ослободи значаен буџет со заминувањата на Монволиво, Запате, Андре Силва, Халиловиќ, Бертолачи… Кинеските газди оставија и големи долгови, поради што мораа да бидат продадени и „своите деца“ Кутроне и Локатели. А кога беше обезбеден каков-таков буџет, новите засилувања беа одлично погодени.

За 20 милиони евра од Реал пристигна Тео Хернандез, кој игра брилијантно на позицијата лев бек, а моментната вредност му е трипати повисока од она што Милан го плати за негов трансфер. Од Ајнтрахт беше донесен Анте Ребиќ, во размена за промашеното засилување Андре Силва. Клучна задача беше позицијата последен играч за врска, што Малдини ја реши со ангажманот на Исмаел Бенасер. За Алжирецот беа платени скромни 16 милиони евра, а Манчестер Сити минатото лето понуди 50 милиони, сума што Малдини без размислување ја одби.

Клучна сепак се чини е довербата што Паоло Малдини ја покажа во Стефано Пиоли. Додека неговиот надреден, Иван Газидис, веќе го имаше договорено Ралф Рангник за нов тренер, спортскиот директор разви беспрекорна соработка со Пиоли, создадена беше одлична атмосфера со која тимот одлично ја заврши сезоната, по што Рангник самиот се повлече од намерата за преселба на „Сан Сиро“.

И секако, тука е Златан Ибрахимовиќ. Швеѓанецот по најавата за враќање во Европа доби десетина интересни понуди, но токму Малдини беше адутот во преговорите на Милан. И одлично си ја заврши работата, успеа да го убеди големиот ас, кој природно се наметна како лидер на младите фудбалери. Резултатот е видлив – Милан доминира во Калчо-лигата, па сега веќе никој не зборува за излез во Европа, туку на „Сан Сиро“ се погласно се изговара зборот – скудето.

И сето тоа – поради генијалноста и скромноста на Паоло Малдини.

Се вчитува...