Реми за честа – Заврши „европската одисеја“ и за Вардар

Како и Еурофарм Пелистер вчера, така и Вардар денеска ја заврши својата „европска одисеја“ за сезоната 2021/2022. Очекувано по убедливиот пораз во Скопје минатата недела (22-30), Вардарци во реваншот немаа сила за ништо повеќе освен реми 31-31 против унгарскиот Веспрем.

Единствени светли точки беа голманите Гогов и Томовски, а особено првиот со неговото влагање во последните петнаесет минути во кои успеа да забележи осум одбрани, го врати македонскиот шампион во игра на мечот и на крајот стигна до реми.

Како и во Скопје, така и во Унгарија, Веспрем подобро го отвори натпреварот и во неколку наврати имаше плус два, a со голот на Петар Ненадиќ од пенал по десет минути домаќините имаа и највисоки плус три (6-3).

Мартин Томовски беше единствената светла точка во нашиот состав и со неколку одбранети зицери успеа да го доведе својот тим на негатива од само еден гол 7-6, а „црвено-црните“ тргнаа и во напад за израмнување. Сепак, следеше грешка на Дибиров, по која Шипо стрелаше на празната мрежа за ново водство од два разлика на домаќините 8-6. Вардарци повторно грешеа, а Томовски не успеа да продолжи во истиот ритам, па Веспрем во 18. минута повторно стигна до највисоките плус три 10-7. Следеше статива на Талески, која ја казни Штрлек и донесе ново највисоко водство за Унгарците 11-7.

Следеше период во кој избраниците на Илиќ четири минути играа со играч повеќе, а нашиот тим успеа да ја намали негативата само за еден гол (13-10). Иако ја имаше контролата на мечот домашниот тренер се одлучи во 22. минута да го повика својот прв тајмаут на натпреварот.

Томовски продолжи да воодушевува на голот на „црвено-црните“. Ја забележа својата шеста одбрана, која како и во поголемиот дел од првите 30 минути неговите соиграчи не ја материјализираа. Повторно погрешија во нападот, Жереми Тото доби исклучување, а Веспрем на пет минути до крајот на мечот повторно стигна до плус четири (15-11). Нова техничка грешка во нападот, доведе до највисоки плус пет за домаќините со голот на Андријас Нилсон (16-11). Грешките се нижеа како на лента, а со голот на Лекај во 28. минута негативата на Вардар достигна шест гола (17-11). До крајот на полувремето Вардар успеа да намали само еден гол од негативата и на пауза да замине со (18-13).

Во второто полувреме Унгарците рутински го контролираа резултатот и по 45. минути игра, остана разликата од полувреме од пет гола (26-21). Во последните петнаесет минути домаќините малку го намалија темпото, а шанса во нашиот тим доби и младиот Васил Гогов. Младиот голман беше неверојатен набрзина забележа осум одбрани, а со голот на Моралес во 53. минута Вардар по долго време дојде на минус два (28-26). „Црвено-црните“ продолжија со добра игра и на три и пол минути до крајот на мечот дојдоа на само минус еден (29-28), првпат по 15. минута. Следеше нова грешка на Веспрем, а со голот на Додиќ, Вардар израмни на 29-29 на три минути до крајот, по што Илиќ побара тајмаут.

Гогов со осум одбрани и Томовски со една помалку беа најсветлите точки во таборот на гостите, додека Моралес заврши со шест гола. Кај победникот Јахија Омар постигна седум гола, додека Нилсон заврши со пет.

Се вчитува...