Ремонтот на Тен Хаг во Јунајтед – Десет заминувања, исто толку засилувања…

Ерик тен Хаг денеска и официјално беше промовиран во нов менаџер на Манчестер Јунајтед почнувајќи од 1 јули, а на актуелниот стратег на Ајакс му е јасно колку е сериозен предизвикот пред него – да го врати најтрофејниот англиски клуб во битката за трофеи. Финансиската моќ никогаш не била проблем за „црвените ѓаволи“ колку немањето на конкретна стратегија за враќање на победнички патеки, поради што Тен Хаг во преговорите инсистираше да има влијание врз трансферите и одлуките за нови договори за актуелните играчи.

Јасно е дека на Јунајтед му е неопходен ремонт, а холандскиот стручњак е подготвен да го изврши без оглед на бројните најавени заминувања од клубот. Само за потсетување, Погба, Лингард, Кавани и Мата летово стануваат слободни играчи и без отштета ќе си заминат од „Олд Трафорд“, а истото ќе биде случај и со Матиќ, кој има уште една година од договорот, но Јунајтед ќе даде зелено светло за негово заминување.

Маркус Рашфорд не е задоволен од улогата и веќе побарал трансфер, а Тен Хаг нема намера да го задржи овој фудбалер доколку клубот може да добие значителна сума што ќе ја реинвестира во нови засилувања. Истото се однесува и на Баи, Ван Бисака, Марсијал и Телес, кои ќе бидат ставени на трансфер-листа во текот на летово. Иако се најавуваше дека Тен Хаг нема да смета сериозно ниту на Кристијано Роналдо, одлуката ќе биде донесена во текот на летово, а барем засега планот е Португалецот да остане и да биде предводник на нападот на „црвените ѓаволи“ во сезоната 2022/23.

Новиот тренер очекува и најмалку десет засилувања за целосен ремонт на тимот и составување на колектив кој ќе игра барем за две нивоа подобро од она што Јунајтед го прикажува сезонава. Прв што ќе биде вратен во Манчестер е Дони ван де Бек, холандскиот интернационалец кој е на позајмица во Евертон, но ќе биде значаен играч кај новиот тренер, со оглед на фактот дека добро е запознаен со тактичките замисли на Тен Хаг од времето кога настапуваше во Ајакс.

Желба на новиот менаџер е со себе да го донесе и суперталентираниот Бразилец Ентони, кој настапува на крилната офанзивна позиција, а Ајакс би можел да го продаде за 50 милиони фунти.

За средниот ред се шпекулира со двајцата англиски репрезентативци Деклан Рајс и Келвин Филипс, Пау Торес од Вилјареал е голема желба за одбранбената линија за која опција е и Мартинез од Ајакс, за десен бек се споменува и Дест од Барселона, кој исто така има соработувано со Тен Хаг во минатото.

Хари Кејн останува најголема желба за навалната линија за наредната сезона, но останува да се види дали англискиот ас ќе го напушти Тотенхем за да се пресели на „Олд Трафорд“ во период во кој МанЈу е предалеку од борба за трофеи. Нкунку од Лајпциг е „план Б“  доколку Кејн го одбие Манчестер, а како опција плус за нападот се споменува и Ришарлисон од Евертон.

Се вчитува...