Вардар вечерва во 19.30 часот ќе го пречека Загреб во реванш-дуелот од осминафиналето во Лигата на шампионите, натпревар што ќе претставува само рутина за „црвено-црните“ по беспрекорното издание на првиот дуел во Хрватска. „Вардарци“ го добија тој меч со убедливи 18-27, а предноста од девет гола дефинитивно е недостижна за хрватскиот првак во „скопскиот вулкан“, каде македонскиот тим играа одлично цела сезона.
Тренерот Парондо најави дека ќе го ротира тимот нешто повеќе од вообичаено, на неколку дена до Ф4 турнирот во СЕХА-лигата, но шпанскиот стратег сепак очекува максимално залагање во текот на сите 60 минути од денешниот реванш.
„Имаме одличен резултат од првиот меч во Загреб. Сепак, не смееме да се опуштаме. Никако не смееме да заборавиме дека Загреб е одлична екипа. Мораме да продолжиме во наш стил и да го одиграме сериозно овој натпревар. Мораме на најдобар можен начин да одработиме и на реваншот и така да се пласираме понатаму. Ќе се обидеме на реваншот да одиграат што повеќе ракометари, па на тој начин играчите да добијат поголема самодоверба за следниот натпревар”, истакна Роберто Парондо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА