„Револуција“ во ракометот: „Челинџ“ за погрешни судиски одлуки

Данските судии Мадс Хансен и Мартин Гјединг, кои го одбележаа СП 2019 со одлуките во корист на Германија за време на дуелот со Хрватска, сега најавуваат „револуција“ во ракометот откако обелоденија дека веќе испратиле и официјален предлог до ИХФ за воведување на „челинџ“ во овој спорт. Имено, со воведување на новото правило би им се овозможило на тренерите да реагираат и да побараат од судиите уште еднаш да ја погледнат спорната ситуација.

„Да постоеше таков систем на мечот Хрватска – Германија, немаше да го судиме тој прекршок во последниот напад, сигурен сум во тоа. Одлуката во ракометот се носи во секунда, а јас морав да ја погледнам ситуацијата неколку пати за да увидам дека сме погрешиле“ – истакна Гјединг.

Неговиот судиски партнер обелодени дека веќе се водени сериозни разговори со челниците на светскиот ракомет на оваа тема.

„Многу разговаравме со луѓето од ИХФ, анализиравме што може да се направи за такви ситуации да не се повторуваат во иднина. Едно од можните решенија е токму тој „челинџ систем“, за со употребата на видео-технологија да им се помогне на судиите, но и на самите играчи. Сериозно се размислува на оваа тема“ – порача Хансен.

Се вчитува...