Резарт Мемеди, со 13 години во Прва лига: Ова е сон на секое дете кое ја сака кошарката

На вчерашниот натпревар од кошаркарската Прва лига меѓу Шкупи и Работнички, присутните во салата „Шабан Трстена“ во Чаир, имаа можност да посведочат на еден од историските моменти во македонската кошарка, откако во последната минута од средбата во игра влезе 13-годишниот играч на Шкупи, Резарт Мемеди. Тој стана вториот најмлад кошаркар кој заиграл на натпревар во Првата лига на Македонија, а рекордер и понатаму е Никола Гајдаџиев, кој на девет години забележа настап во дресот на Никол ферт во далечната 2001 година.

„Вчера го одиграв првиот официјален натпревар во мојата кариера како сениор, се гордеам со тоа бидејќи е знак дека мојата напорна работа не остана незабележана. Иако влегов во последната минута, голема чест е што настапив против Работнички, чувството е прекрасно кога знаеш дека си играл против искусни кошаркари. Ова дефинитивно е сон на секое дете кое ја сака кошарката. Најголема благодарност до тренерот Мифтари кој има доверба во моите квалитети, и ми укажа шанса да бидам дел од настанот. Фактот дека настапив во Првата лига сам по себе има големо значење, се надевам дека во иднина и јас и мојот тим ќе постигнуваме поголеми успеси. Ова е само почеток за мене, секој ден напорно работам да се подобрам во секој сегмент и се трудам да ги следам вистинските чекори кои ќе ме водат до успешна кариера“, изјави Резарт Мемеди за ЕКИПА.

  

Се вчитува...