РФМ до ЕХФ: Вардар е бренд кој заслужува да биде дел од ЛШ

Одземањето на правото на Вардар во Лигата на Шампионите е главна вест во ракометна Европа, откако ЕХФ го загуби трпението за „црвено-црните“ и огромните долгови што останаа неподмирени од минатата управа на Вардар на чело со Сергеј Самсоненко.

Лани проблемот беше решен со оставање на депозит од еден милион евра, но проблемот не беше надминат, роковите за раздолжување со ракометарите кои веќе не се дел од клубот од поодамна се пробиени, па ЕХФ реши да пресече и да го исклучи Вардар од елитното европско натпреварување.

Ракометната федерација на Македонија со писмо до ЕХФ бара на Вардар да му се дозволи учество во елитното натпреварување, бидејќи гордоста на Скопје е ракометен бренд и освојувач на две титули во ова натпреварување.

„Вардар е бренд не само во Македонија туку и на Балканот и Европа. Има голема база на навивачи и голема важност во развојот на ракометот во Македонија. Двократен освојувач на Лигата на шампионите и со самото тоа е главен виновник што голем број млади се одлучија за овој спорт. Се плашиме дека оваа одлука за исклучување на Вардар може да влијае негативно на сликата за ракометот генерално не само во Македонија туку и на целиот Балкански полуостров“, стои во писмото на РФМ. 

Се вчитува...