Рикиардо, сепак, ќе ја заврши сезоната со Ред Бул

Даниел Рикиардо изјави дека ќе ја заврши сезоната во Формула 1 со Ред Бул и покрај бурните коментари по откажувањето на трката за ГН на Мексико. Изнервиран што мораше превреме да ја заврши трката, Австралиецот го нарече својот болид „проколнат“ и изјави дека не гледа причина да се качи во него за последните две трки во овој шампионат.

Трката во Мексико беше осма на која Рикиардо не успеа да финишира. Во бесот по испаѓањето, тој рече дека ќе му го даде болидот на Пиер Гасли, кој треба да го замени во тимот од следната сезона.

„Претрпев огромни промени годинава. Имав добри моменти, но неуспесите беа повеќе. Си должам прво себе си, а и на сите други кои работат толку многу во мојот тим, да ја завршам сезоната пред да кажеме „чао“. Имам потреба од уште неколку дена за одмор, но потоа сум на линија“ – изјави Рикиардо.

Последен пат на подиумот, Рикиардо беше во мај на трката во Монако.

Се вчитува...