Сара Ристовска ја остави зад себе тешката повреда што ја оддалечи подолг период од терените, нашата најдобра ракометарка се појави во составот на „Трофеј Македонија“ и веќе на првиот дуел со осум погодоци покажа дека се уште е лидерка на нашиот национален тим.
Таа беше особено емотивна пред самиот почеток, при интонирањето на химните кога може да се забележат и солзи…
„Да, точно е. Ме совладаа емоции бидејќи само јас знам низ каков период поминав, навистина имав еднаш тешка повреда. После десет месеци повторно сум на терените, репрезентацијата и овој момент премногу ми значат, повеќе од 15 години го давам срцето за Македонија. Речиси една година ги бодрев девојките од страна, па затоа кога ја слушнав химната ми се насолзија очите, тоа се искрени емоции, знам колку ја сакам својата репрезентација и колку давам за својата земја“, емотивна беше по мечот Ристовска.
Потоа, таа се осврна и на самиот натпревар на кој Македонија доминираше од почеток до крај и заслужено стигна до победата.
„Србија беше со помлад состав, ние тоа го знаевме. Но, да не заборавиме дека и нашата репрезентација е млада, но повеќето од девојките со години се во сениорскиот тим, имаат место и искуство, рековме ќе играме 60 минути до крај, да го отвориме турнирот победнички, влеговме без потценување. Знаеме дека утре против Црна Гора, а потоа против Хрватска ќе бидат потешки натпревари за нас. Но имаме време, ќе одмориме. Честитки до сите и голема благодарност до сите што дојдоа да не поддржат“. „Имаме навистина квалитетни девојки кои треба да вложуваат во себе, ете некоја помлада генерација да не испраќа нас постарите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
