Ристовски: Ерменците се ’ранети’ после Гибралтар, а ние сакаме нови бодови

ЕКИПА во Ереван,

Никола Ѓуровски

Најдобрите македонски фудбалери по трите последовни победи во Лигата на нации, дојдоа во Ереван со една цел, да ја продолжат позитивната серија која трае веќе десет натпревари, на кои „црвено-жолтите“ немаат пораз. Одржан е првиот тренинг, и тоа во комплетен состав, по здравствените проблеми пред Лихтенштајн, и сега фокусот е на продолжување на успешната низа.

Стефан Ристовски вели дека Ерменија не е противник за потценување, иако загуби шокантно од Гибралтар на домашен терен, а нашиот национален тим е дојден за да освои нови бодови.

„Ерменија е квалитетна селекција. Не треба да не залаже тоа што загубија од Гибралтар. Сигурно сега ќе бидат ’ранети’ и ќе сакаат да одиграат многу подобро. Очекувам тежок натпревар, а ќе одлучуваат нијанси. Ние сме дојдени да освоиме бодови, да покажеме дека имаме квалитет и да го завршиме она што го почнавме одлично во Лигата на нации со трите победи. Во модерниот фудбал аутсајдери веќе не постојат“, изјави Стефан Ристовски.

Се вчитува...