Ристовски: Хрватска е мотив сама по себе, не размислувам за Червар

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Борко Ристовски повторно имаше одличен настап на голот на Македонија, со серија одбрани овозможувајќи удобна предност по која селекторот Гонзалес можеше да им даде шанса и на дел од помладите ракометари.

„Бевме претпазливи во пресрет на овие натпревари, на крајот излезе дека се рутински победи, но мора да сме свесни дека она најтешкото допрва следи. Не сме направиле ништо ако загубиме на наредните три натпревари против ривали што реално се многу поквалитетни од досегашните, затоа мораме да останеме максимално фокусирани. Целта е јасна, да се победи на еден од овие три меча што се пред нас“ – истакна првиот голман на македонската репрезентација.

А прв од овие три натпревари е дуелот со Хрватска предводена од Лино Червар, стратегот што го избриша Ристовски од списокот на патници за СП 2017 додека седеше на клупата на македонската репрезентација.

„Не ми треба Червар за да бидам мотивиран за дуелот со Хрватска, пресметката со оваа репрезентaција е мотив сам за себе. Станува збор за репрезентација што се наоѓа меѓу најдобрите пет во светот, што има одлични ракометари во своите редови и што секогаш атакува на највисок пласман на големите натпреварувања. Не размислувам за Лино Червар, не му посакувам ништо добро за утрешниот дуел бидејќи ќе биде против нас, но на хрватските ракометари од срце им посакувам да остварат што подобар резултат севкупно на овој Мундијал“ – порачува Борко Ристовски.

Се вчитува...