Ристовски се врати на терените, Илиев за првпат во тимот на Арсенал

По двомесечната пауза поради повреда, македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски повторно се врати на терените во дресот на португалски Спортинг Лисабон.

Ристовски ги одигра последните 30 минути од синоќешниот натпревар против Ворскла во последното коло од групната фаза во Лигата на Европа во кој Спортинг славеше со убедливи 3-0.

Стефан Ристовски е еден од четворицата македонски репрезентативци кои со своите екипи обезбедија пролет во Лигата на Европа. Покрај него е и голманот Дени Илиев кој синоќа за првпат сезонава се најде меѓу 18 фудбалери за еден натпревар во Лигата на Европа на Арсенал. Илиев беше на клупата кај „топчиите“ на дуелот против Карабах на кој Арсенал славеше со 1-0.

Покрај Ристовски и Илиев пласман понатаму во Лигата на Европа обезбедија и Аријан Адеми со Динамо Загреб и Елиф Елмас со Фенербахче. Елиминирани по групната фаза натпревари пак се Иван Тричковски со АЕК Ларнака и Бобан Николов со унгарски МОЛ Види.

Се вчитува...