Ривалите му прават „сопка“ на Њукасл: Нема позајмици од „братски клубови“

Англиските премиерлигаши до крајот на овој месец ќе гласаат за иницијативата да биде забрането позајмување фудбалери од еден на друг клуб, кои имаат заеднички спонзори или пак сопственички структури.

Ова се оценува како директен удар врз Њукасл, откако останатите клубови решиле да ги запрат „црно-белите“ од намерата да доведат засилување од Саудиска Арабија во јануарскиот преоден рок. Се споменуваше името на Рубен Невеш како замена за Сандро Тонали, Португалецот можеше лесно да пристигне бидејќи неговиот клуб Ал Хилал има ист сопственик како и Њукасл, но останатите ривали се решени од корен да ја прекинат ваквата идеја, не само за случајот на Невеш туку и за во иднина.

Меѓу останатите клубови владее размислување дека Њукасл во иднина би можел да позајмува и други фудбалери од „братските клубови“, a таквата „нелојална конкуренција“ може да влијае врз конечниот исход на табелата.

За оваа забрана да стапи на сила за неа ќе треба да гласаат најмалку 14 од вкупно 20-те англиски премиерлигаши, мнозинство што според најавите на англиските медиуми ќе биде лесно обезбедено.

Се вчитува...