Роналдо има „дил“ со Сити, но Јуве не сака ни да чуе

Кристијано Роналдо веќе ги договорил личните услови со Манчестер Сити, но овој трансфер би можел да се пропадне доколку Јувентус остане на својот став да инсистира на отштета од 30 милиони евра за португалската суперѕвезда. Жорге Мендеш допатува денеска во Торино за да ги убеди челниците на „старата дама“ да дадат зелено светло за овој трансфер, но состанокот траеше многу кратко бидејќи ставот на италијанскиот гигант е јасен – нема шанса Роналдо да го напушти Јувентус како слободен играч.

Португалецот смета дека направил доволна жртва со тоа што прифатил понуда од Сити со значително намалена плата. Тој има загарантирани 31 милион евра во Јуве за оваа сезона, но се согласил оваа сума да ја добие за две години во Манчестер, плус дополнителни бонуси во зависност од освоените трофеи и бројот на постигнати голови на Кристијано во дресот на „граѓаните“.

Тврдоглави се челниците на Јувентус, но истото важи и за газдите на Манчестер Сити, кои му испратиле јасна порака на Мендеш дека не планираат да платат отштета за Роналдо. Опција било размена со Лапорт, но Јувентус веднаш одбил, а Пеп Гвардиола не сака ни да чуе да го „жртвува“ Бразилецот Жезус за да го доведе Кристијано во Манчестер.

Преговорите ќе продолжат, но доколку една од двете страни не попушти тешко дека може да биде најден заеднички јазик.

Се вчитува...