Роналдо се спаси со парична казна, ќе може да игра со Ајакс

Кристијано Роналдо се спаси од суспензија откако УЕФА му изрече само парична казна на асот на Јувентус, по што тој ќе може да ја предводи „старата дама“ во четвртфиналните пресметки против Ајакс.

Против Португалецот беше покрената дисциплинска постапка поради „недолично однесување“ по завршувањето на реваншот меѓу Јувентус и Атлетико Мадрид, кога Роналдо ја прослави победата од 3-0 имитирајќи ја прославата на противничкиот тренер Диего Симеоне по првиот гол во Мадрид. Немаше сомнеж дека станува збор за „недолично однесување“, но откако Симеоне беше казнет само парично, логично беше идентична санкција да добие и Кристијано.

Така, денеска и официјално беше обелоденето дека најдобриот фудбалер на Јувентус за ваквиот однос ќе треба да плати 20.000 евра, но што е многу поважно – ќе биде во комбинација за настап против Ајакс на 10 април.

Се вчитува...