Розенборг доаѓа без капитенот во Скопје

Розенборг ќе биде ослабен за утрешното гостување во Скопје против Вардар откако беше обелоденето дека капитенот на норвешкиот првак, Мике Јенсен, воопшто нема да допатува со остатокот од екипата. Причините се семејни, Јенсен очекува принова во следните денови, па 29-годишниот играч за врска доби дозвола од стручниот штаб да остане во Норвешка, во ситуација кога Розенборг во секој случај нема никакви шанси за пласман во следната рунда.

Останувам дома, чекам принова. Имам ќерка од пет години, сега ќе добијам и син. Нормално дека сум пресреќен“– изјави Јенсен за норвешките медиуми.

Покрај Јенсен стратегот на Розенборг не може да смета ниту на Исланѓанецот Вилхјамсон, кој сезонава постигна седум погодоци за овој тим, како и на Де Ланлај, кој ионака не беше стандарден во дресот на норвешкиот шампион.

Розенборг без оглед на исходот од утрешниот натпревар ќе ја заврши групната фаза како третопласиран, додека Вардар ќе се обиде во шестиот меч да стигне најмалку до еден бод, во премиерниот настап од Лигата на Европа.

 

Се вчитува...