Руни: Јунајтед направи една катастрофална грешка…

Легендата на Манчестер Јунајтед и на англискиот фудбал, Вејн Руни, откри што била клучната грешка направена од управата на „црвените ѓаволи“ во изминатата деценија, во која најтрофејниот британски клуб бележи вртоглав пад по долгогодишната доминација под водство на Сер Алекс Фергусон. Според Руни, Јунајтед уште долго ќе ја плаќа грешката со врачениот отказ на Луј ван Гал, единствениот стратег што според него имал капацитет да го врати клубот на врвот на англискиот фудбал.

„Бев уништен кога решија да го отпуштат Ван Гал. Две години беше во клубот, фудбалерите конечно ја разбраа неговата филозофија и игравме се подобро како што минуваше времето. Ионака ја немавме најдобрата екипа во Премиер-лигата, згора на тоа имавме и 12 повредени фудбалери во еден момент, така што битката за титулата беше предалеку за нас. Сепак, игравме добар фудбал, шанса добиваа млади играчи и сите бевме задоволни. Можам да кажам дека во двете сезони под водство на Ван Гал научив повеќе отколку во целата останата кариера. Јунајтед се движеше во вистинска насока, ќе атакувавме на трофеи, но управата реши дека треба да му врачи отказ“, истакна Руни.

Манчестер Јунајтед на местото на Ван Гал за нов менаџер го донесе Жозе Мурињо, но ниту „специјалниот“ не успеа да го врати гигантот од „Олд Трафорд“ на тронот на англискиот фудбал. Португалецот исто така го снајде судбината на Ван Гал, па сега на чело на Јунајтед е поранешниот голгетер на овој тим, Оле Гунар Солскјер.

Се вчитува...