Русија на крилјата на навивачите го посакува шпанскиот скалп

Русија ќе игра пред 80.000 свои навивачи на „Лужњики“, со неверојатна страст и желба, да направи сензација во осминафиналниот дуел и да ја елиминира и Шпанија од Мундијалот. Дома си заминаа Аргентина со Лионел Меси, Португалија со Кристијано Роналдо, па селекторот Станислав Черчесов се надева дека е можно ново чудо. Никој не сметаше дека Русите ќе ја минат и првата фаза, иако се домаќини, но прикажаа одлични игри во првите две кола. Потоа дојде Уругвај и ја смири руската еуфорија.

Фудбалерите на Русија никогаш не ја победиле Шпанија во меѓусебните мечеви (шест меча – четири победи на Шпанците и две ремија) и првпат ќе играат во осминафинале во постсоветската ера. Од друга страна, „црвената фурија“ не знае за пораз веќе 23 натпревари и освојувала светски титули, последната штед осум години во Јужна Африка.

„Шпанците го негуваат истиот стил со години. Нивните дефанзивци се поставуваат многу високо и оставаат простор зад грбот, па тимовите со брзи напаѓачи тоа можат да го искористат. Тоа е веројатно нивната единствена слабост, ако така и може да се нарече. Нашата единствена предност, пак, се фановите кои ќе не бодрат фанатично и ќе ни дадат дополнителна сила во обидот да направиме сензација“, вели искусниот Сергеј Игнашевич.

Во селекцијата на Русија по пауза од два меча поради повреда ќе се врати апаѓачот Алан Џагоев.

Шпанците со многу турбуленции влегоа на Мундијалот. Само три дена пред стартот замина селекторот Хулен Лопетеги, а на негово место на клупата седна Фернандо Јеро. Тој и нема некое тренерско искуство, но затоа има состав кој добро си ја знае работата. Но, „црвената фурија“ не воодушеви со своите игри во групната фаза, иако на крајот го освои првото место во групата. Големи критики имаше за голманот Давид Де Хеа, но и за голем број шпански репрезентативци. И Јеро истакна дека во нокаут фазата ќе мора да одиграат многу, многу подобро.

А, ако некој може да одигра на врвно ниво, тоа секако се Шпанците.

„Мислам дека добивме многу критики. Толку се сомневаат во нас, и тоа нашите шпански фанови, што тоа никако не може да биде добро за нас. Се обидуваме да бидеме силни, и да покажеме најмногу сега кога ќе биде најпотребно. Примавме голови по наши грешки, не бевме убедливи, и сето тоа е точно. Не очекува тешко осминафинале, против селекцијата домаќин, која ќе има огромна поддршка од трибините. Но, сега доаѓаат натпреварите на „живот или смрт“, а во нив Шпанија секогаш знаела да одигра најдобро. Веруваме во добра претстава и наш триумф“, порачува шпанскиот репрезентативец, Дани Карвахал.

Дуелот меѓу Русија и Шпанија ќе се одигра на стадионот „Лужњики“ во Москва, со почеток во 16 часот.       

Се вчитува...