Русија преку „пенал-рулетот“ до четвртфиналето на СП… И Шпанија оди дома!

Домаќинот Русија се пласираше во четврфиналето на Светското првенство откако по пенал-рулетот славеше против Шпанија со 4-3. Голманот Акинфеев е херојот на Русите бранејќи ги ударите од белата точка на Коке и Аспас во пенал серијата.

Претходно, по регуларниот дел и двете продолженија осминафиналната пресметка заврши со 1-1. Шпанците дојдоа до предност со автоголот на Игнашевич во 12. минута…

Русите израмнија преку Ѕиуба од пенал во 41. минута, откако Рамос играше со рака во својот шеснаесетник…

Во второто полувреме тотален антифудбал на Русите кои, иако домаќини, во бункер варијанта, со десет фудбалери на 20 метри пред својот гол, се бранеа… И, успеаја да се одбранат пред и онака немоќните Шпанци кои и покрај иницијативата не успеаја да пробијат до голот на Акинфеев преку играта на терен.

Па, на крајот тактичката определба на Русите се исплатеше и преку „пенал-рулетот“ стигнаа до четвртфиналето на Светското првенство 2018.

Шпанија, пак, е уште една од репрезентациите кои ја носеа фаворитската улога и за титула на првенството а која уште пред четвртфиналето си оди дома… По Германија, Аргентина и Португалија!

Се вчитува...