„Сакав да го претепам Анри… Пред моето семејство крена рака на мене…“

Поранешниот камерунски репрезентативец Лорен во интервју за англиските медиуми се потсетува на деновите минати во Арсенал. Лорен, кој беше цврст и бескомпромисен играч, за Арсенал настапуваше од 2000 до 2007 година притоа во два наврати доаѓајќи и до шампионската круна во Англија.

Лорен се потсетува на судирот во соблекувалната со Тјери Анри. Се почнало кога Французинот на дуелот против Депортиво му гестикулирал луто по едно непрецизно додавање. Од лутина Лорен во соблекувалната го скршил и огледалото…

„Си реков на самиот себе зошто го правиш тоа? Натпреварот беше од Лигата на шампионите во директен пренос, а во Шпанија каде израснав и каде е целата моја фамилија ги гледаа неговите вулгарни гестикулации кон мене. Си помислив, овој тип не ме познава. Мирен сум и повлечен, но ако ми згазнеш на нерв не ми е важно кој е од другата страна. Едноставно полудувам“ – раскажува Лорен, опишувајќи го потоа и хаосот кој настанал на полувремето.

„Чекав сите да влезат во соблекувалната и кога влезе Анри, зедов едно шишенце и го фрлив кон него, притоа кршејќи го огледалото. Сакав да го претепам, но не го направив тоа затоа што знаев дека без него нема да победиме. На сите силно се дерев да замолчат, беше тишина како на гробишта, сите беа шокирани. Се прашуваа зошто тоа му го правам на Анри. Но, тој на сред терен пред моето семејство кое беше на трибините се дрзна вулгарно да гестикулира, па дури и да се обиде да крене рака на мене. Не можев да минам преку тоа“.

Се вчитува...