Салах денеска ќе игра против Њукасл, утре се пакува и се сели во Ал Итихад

Мохамед Салах денеска на гостувањето против Њукасл ќе го одигра својот последен меч во дресот на Ливерпул, откако ја прифатил понудата на Ал Итихад за преселба во Саудиска Арабија. Оваа информација утрово ја пренесуваат бројни медиуми ширум Европа, според кои Салах веќе ги известил и челниците на Ливерпул за својата одлука. Последен рок за прифаќање на понудата е до 28 август, што ќе му користи на Ливерпул бидејќи „црвените“  би имале неколку дена за да ангажираат соодветна замена за својот најдобар фудбалер.

Ал Итихад повеќе од еден месец се обидува да го убеди Салах. Понудата од 100 милиони евра по сезона беше одбиена од самиот фудбалер, но минатата седмица гигантот од Саудиска Арабија се врати со нова понуда – највисока во историјата на фудбалот во оваа земја. Според неа, Салах ќе заработува и повисока плата од Кристијано Роналдо, а подготвена е и мегапонуда за Ливерпул, во висина од над 100 милиони евра.

Салах има уште две години од договорот со „црвените“, но „фараонот“ одлучил дека најновата понуда едноставно е премногу добра за да биде одбиена. Јирген Клоп на прес-конференцијата пред Њукасл изјави дека Ливерпул не сака да го продаде Египќанецот, но „црвените“ секогаш биле со став дека не сакаат незадоволни играчи во своите редови и ако некој инсистира на заминување, тоа ќе му биде дозволено.

Останува да се види разврската, дали Салах и по Њукасл ќе продолжи да ги брани боите на Ливерпул или ќе го следи трендот во светскиот фудбал и ќе се пресели во Саудиска Арабија.

Се вчитува...