Мохамед Салах со солзи го напушти теренот во Киев на ланското финале во ЛШ, откако во првото полувреме заработи повреда по еден старт на Серхио Рамос. Најдобриот стрелец на Ливерпул е решен овојпат да ја искористи укажаната шанса и да се закити со титулата европски првак, оставајќи го зад себе разочарувањето од ланското финале.
„Добиваме втора шанса за европската круна, играме второ финале во две години и можам да кажам дека расположението кај сите во тимот е далеку пооптимистичко од лани. За мене тоа е можност да го избришам лошиот спомен за повредата од Киев, ќе сторам се за да помогнам да стигнеме до трофејот. Тоа е мојот сон.. да дадам гол во финалето, да станеме европски прваци, а потоа и да стигнам до титула со Египет на Купот на Африкански Нации“ – истакнува Салах.
Добра вест за Ливерпул е што и Роберто Фирмино целосно ги надмина проблемите со повредата, па Бразилецот ќе се појави во стартниот тим на саботното финале, како дел од атомското трио во нападот на Ливерпул, заедно со Салах и Мане.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА