Вардар и ПСЖ – тоа се екипите кои најчесто во последниот период се дел од самиот врв на европскиот ракомет. „Црвено-црните“ синоќа рутински го одработеа реваншот против Загреб, додека „светците“ како првопласирани во групата директно одат во четврт-финалето, па овие два клуба остануваат единствени што шест години по ред се дел од „Топ 8“ во ракометна Европа. Само за споредба, со ваква серија не можат да се пофалат гиганти како Барселона, Веспрем, Кил…
Серијата на „вардарци“ почна со она несреќно загубено четврт-финале против Фленсбург, потоа следеа порази и од Веспрем и Кјелце, за кога им се исполни сонот за пласман во Келн – „црвено-црните“ да приредат сензација и да станат европски прваци. Лани Вардар повторно беше дел од фајналфор турнирот, а претстојното четврт-финале (најверојатно со Пик Сегед) е идеална можност за трет Ф4 во низа и нов атак на тронот на европскиот ракомет.
Македонскиот првак е поуспешен дури и од ПСЖ, бидејќи во изминатите шест години успеа да стигне и до европската титула. „Светците“ се најбогат европски клуб, доведоа бројни суперѕвезди, но досега имаат само едно финале – во кое загубија токму од Вардар. Овојпат на клупата го имаат и Раул Гонзалес како дополнителен адут во атакот на тронот, но најпрвин ќе мора да се мине четвртфиналната пречка наречена Кјелце.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА