Самсоненко и неговото раководство се изживуваат врз Вардар: Забрана за тренинг на фудбалерите на тренинг-кампот на клубот!

Досегашното раководство на Вардар предводено од Русинот Сергеј Самсоненко кој се уште е во суштина единствениот сопственик на клубот во чии раце се комплетните акции, буквално се изживува врз црвено-црните.

Наспроти неподмирувањето на долговите поради што апсолутно никој, и да сака, не може да му помогне на клубот, Самсоненко и неговото раководство дополнително не дозволуваат фудбалерите на ФК Вардар да тренираат на сопствениот тренинг-камп кој, пак, во суштина е изграден со јавно-приватно партнерство на РК Вардар и општината. Што би се рекло, Самсоненко го чува сиот само свој имот, кој ниту од далеку не е на ФК Вардар како што во минатото постојано неговото раководството ги нагласуваше инвестициите како влог во најтрофејниот македонски клуб.

„Раководството на Фудбалскиот Клуб Вардар, не им дозволува на фудбалерите на Фудбалскиот клуб Вардар, да тренираат на тренинг-кампот на Фудбалскиот Клуб Вардар! Ова не е наслов на филм со жанр – пародија ниту пак е рана првоаприлска шега, ова е за жал реалноста со која се соочуваме сите ние кои се идентификуваме со Фудбалскиот Клуб Вардар“ – велат во своето соопштение од навивачката група „Комити“ притоа дополнувајќи:
„Фудбалскиот Клуб Вардар е детенце кое е исфрлено од својот дом на улица, исфрлен е од своите родители кои се откажале од него преку весник. Исфрлено е на суров начин, и родителите не сакаат да чујат за него, дали има каде да преспие, дали е добро, дали е гладно, жедно, дали е добро, дали ќе фати некоја болест… А што е вината на тоа дете кое е толку слатко, што едноставно ги радува срцата на сите други освен оние на своите родители? Другиот родител е Градот Скопје, кој смета дека не треба да се грижи за своето чедо поради тоа што другиот родител, а не самиот тој го исфрлил своето дете надвор, па поради тоа и нема обврска да го згрижи своето мало детенце, кое плаче затоа што е неухрането, жедно и ненаспано. Ќе има ли некој доволно доблест и храброст да им го одземе на негрижливите и неодговорни родители ова мило детенце? Постои ли некоја институција која ќе знае да отвори очи да го констатира сево ова, па да се охрабри да им го одземе правото на родителство на двете страни, за да назначи нов старател? Ова дете мора да биде растено со љубов!“

Се вчитува...